Menu
Menu

Иднината на образованието: Паметен избор

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin

Иднината на образованието: Паметен избор

ТЕКСТ: МИТКО ПИШТОЛОВ, NIKLAUS WALDVOGEL – ФОТОГРАФИИ/ВИДЕА: HELVETAS, ДАНИЕЛА СТОЈАНОВА – 24 СЕПТЕМВРИ, 2019 ГОДИНА

На константно променливите пазари на трудот им се потребни добро осмислени промени во образовните системи. Овој значаен потег или динамика на промени ќе влијае позитивно врз младите и иднината на земјите. Таков пример е големиот избор кој постои во областа на образованието – но сепак останува прашањето кое образование е вистинското? Во текстот кој следи се разгледуваат потенцијалните идни правци на образованието во Република Северна Македонија и Западен Балкан.

„Кој заработува од стекнатото образование?“, прашува невидлив глас во видео што неодамна го објави Хелветас за придобивките од запишување во стручно образование. „Дали е тоа Ари, кој избра да стане техничар за системи? Дали е тоа Ера, која избра професија во градежниот сектор? Или пак тоа е Нора, која помина 12 години студирајќи правни науки на универзитет, само за да решава спорови меѓу нејзините браќа и сестри на масата во кујната кај своите родители?” Овие провокативни прашања се дел од медиумска кампања што има за цел да ја промени перцепцијата за стручното образование и поддржува избор на кариера врз основа на паметни одлуки.

Како што беше дискутирано во јунското издание на Мозаик, пазарите на трудот се во постојан развој. Може ли образовниот сектор да го следи овој развој и да ја обезбеди потребната работна сила? Дали треба повеќе да се фаворизираат стручни занимања наспроти академските занимања? Која е улогата на меѓународниот развој во сето ова?

Предвидување на иднината

 Дури и во случај да ги имаме сите статистички податоци на располагање, да сме запознати со глобалните трендови на образованието и да можеме да ги предвидиме идните потреби на економијата, сепак многу прашања ќе останат без одговор. Една од најтешките одлуки со кои денес се соочуваат учениците од основните училишта и нивните родители е изборот на средно образование. Одлуката за тоа какво средно образование да се избере станува уште потешка поради недостаток на информации за професиите и помошта при избор на идна професија во многу земји од Југоисточна Европа.

Учениците со завршено основно образование обично имаат избор помеѓу запишување во гимназија или средно стручно училиште. Гимназијата повеќе ја преферираат ученици кои оствариле подобри резултати. Дел од учениците што се запишуваат во средни стручни училишта, тоа го прават бидејќи претставува одредена можност за упис на факултет. Се разбира, средните стручни училишта се помалку посакуваната опција. Оваа приказна важи за Северна Македонија и за најголемиот дел од регионот на Западен Балкан.

Според Државниот завод за статистика на Република Северна Македонија, во учебната 2017/2018 година, приближно 27.000 ученици се запишале во гимназија, додека 42.000 студенти се запишале во средно стручно училиште, што претставува сооднос од околу 1: 1,55 во корист на средните стручни училишта. Овие бројки изгледаат доста добро на хартија, бидејќи повеќето од учениците ќе станат дел од квалификувана работна сила која ќе ја задоволи побарувачката од работодавците, додека останатиот дел од учениците ќе се запишат на факултет за да станат економисти, правници или менаџери. И економијата ќе цвета. Па, не баш.

Да ги разгледаме овие 27.000 ученици кои се запишале во гимназија: со децении, државата и општеството во Република Северна Македонија ги насочува младите кон стекнување на универзитетска диплома. Оваа стратегија одлично ги потхранува аспирациите на илјадници родители кои се надеваат дека нивните деца ќе станат дел од академскиот свет, облечени во костум и вратоврска. И целиот овој процес може одлично да звучи и да изгледа се додека некој не го постави најважното прашање: Кои конкретни вештини ги стекнуваат учениците во гимназија и што се случува со оние ученици што нема да се запишува на факултет?

Република Северна Македонија не е единствената земја во регионот која ги насочува своите средства главно кон академското образование. Истото се случи и во Косово во 2007 година, кога критериумите за упис на факултет беа намалени и претходно задолжителниот период на пауза од една година беше елиминиран како критериум. На прв поглед, ваквото намалување на критериумите изгледа како добра и фер идеја бидејќи им овозможува полесен пристап на сите млади лица до највисоко можно ниво на образование. Сепак, ниту една економија не може да напредува и да живее само со и од академската фела, а брзата експанзија обично го намалува целокупниот квалитет на образовните програми. Сепак, во овој концепт постоеше скриена агенда: Косово се соочи (и сè уште се соочува) со доста високо ниво на невработеност. Оваа состојба и понатаму продолжува да претставува голем проблем за луѓето кои ја водат државата. Со масовното запишување на млади луѓе на универзитетите, бројките за невработеност на младите лица се намалуваат или целосно исчезнуваат од статистичките анализи. Младите се помалку го поминуваат времето по улиците, што потенцијално би значело и помалку проблеми. Но, ублажувањето на социјалните проблеми преку злоупотреба на образовниот систем не е долгорочно решение.

Да ги разгледаме 42.000 ученици запишани во средните стручни училишта во Република Северна Македонија. За околу 2 до 3 години кога овие ученици ќе го завршат своето средно образование, државата ќе добие генерација која ќе биде подготвена делумно да ја пополни потребата од квалификувана работна сила, отприлика? Па, не баш. Голем дел од средните стручни училиштата во Република Северна Македонија и Западен Балкан имаат неповолен углед кај населението. Некои училишта користат застарени наставни програми, повеќето нудат ограничени можности за практична обука и имаат ограничена комуникација со приватниот сектор за поттикнување на поблиска соработка.


Кон практично образование кое е засновано на побарувачката на пазарот

Да бидеме фер, има и светли примери на средни стручни училишта во земјата и регионот. Сепак, овие се ретки примери. Додека повеќето ученици од основно образование се запишуваат во средни стручни училишта поради понискиот успех или поради преполните гимназии, одреден број ученици се запишуваат за да се здобијат со знаења и вештини за идната професија. Но, дали учениците навистина се стекнуваат со знаењата и вештините кои им потребни за работното место? За жал, не доволно.

 

 

Практични вештини – за жал, учениците од гимназиите и од средните стручни училишта стекнуваат недоволно практични вештини. Владите на земјите од регионот се свесни за овој проблем. Во 2015 година, министрите од сите земји-членки на ЕУ и земјите-кандидати за членство, вклучително и повеќето земји од Западен Балкан, се собраа во Рига за да потврдат дека стручното образование и обука треба да се подобри како во однос на квалитетот, така и во однос на статусот. Земјите учеснички едногласно се согласија дека еден конкретен сегмент од стручно образование и обука треба да има приоритет т.е. учење преку работа (work based learning), кое вклучува практиканство на работно место во компании. Ако на учениците им се овозможи да реализираат пракса во реални работни околности, тие ќе научат да ги применуваат теоретските знаења стекнати во училница. Ова може да ги надомести вештините што недостасуваат.

Но, зошто учењето преку работа е толку ретко во образовните системи во регионот? Сите земји од Западен Балкан имаат висококвалитетни национални стратегии за стручно образование и обука кои се изработени со поддршка од меѓународни експерти. Но за жал, кај овие национални стратегии недостасуваат потребните под-законски акти. Овие под-законски акти се клучни бидејќи тие ги дефинираат улогите и одговорностите во врска со финансирањето на учењето преку работа и процесите што ги дефинираат стручните стандарди – а тоа е всушност ‘рбетот на секоја стручна професија. Исто така, се забележува дека политичката мотивација е слаба и не успева да ги поттурне овие под-законски акти да стапат во сила, имајќи во предвид дека таквите под-законски акти носат со себе и дополнителни одговорности за ресорните министерства.

Образовниот систем во Република Северна Македонија во моментот генерира голем број на недоволно квалификувани економисти, правници, ИКТ инженери, електричари, готвачи, машински оператори, итн., кои никогаш не биле или ретко биле изложени на реална работна средина во која би ја почувствувале од прва рака својата професија. Додека младите лица се борат да најдат квалитетни работни места, работодавците се соочуваат со се поголеми вложувања на средства за да ги адаптираат младите во ефективни работници. Бизнис секторот вообичаено не е подготвен да вложува во своите вработени и токму тука започнува играта на  обвинувања помеѓу приватниот и јавниот сектор. Резултатот на крај е: значајна невработеност кај младите лица од една страна и премногу квалификувани млади лица кои работат во сектори кои не се соодветни за нивните квалификации. На крај, зголемената фрустрација кај младите ја поттикнува економската миграција.

Знаете ли зошто најдоброто кафе во светот се сервира на Западен Балкан? Бидејќи тоа е подготвено од луѓе со докторати! ”(честа шега во регионот).

Позитивен почеток

  1. Проблемите кои се опишани погоре нè враќаат назад на првичните прашања за иднината на образованието во Република Северна Македонија и Западен Балкан. Дополнително, се поставува прашањето како ние, организациите и учесниците во процесот на развој можеме да ги поддржиме локалните напори кон постигнување на целта. Иако не постои брзо и лесно решение, сепак може да се интервенира во многу области и на различни начини:
  2. Технологијата и услугите се менуваат многу брзо. Образовниот систем може да одржува чекор и да го следи темпото на развој само преку партнерства со приватниот сектор. Потребно е да се охрабри и да се поддржи приватниот сектор за да се оствари системска соработка со средните стручни училишта и да се направи прилагодување на наставните програми кои ќе се засноваат на реалните потреби на пазарот на трудот. Ваквите иницијативи веќе се реализираат во рамки на проектот Зајакнување на вработувањето на младите (Enhancing Youth Employment) во Косово.
  3.  Да се развиваат нови модели за учење преку работа (WBL) и да се овозможи помош за партнерите при пилотирање на новите модели,  и тоа со избегнување на потенцијалните ризици. Најдобрите модели не секогаш се оние модели што првично ги предлагаат развојните практичари. Моделите треба да бидат флексибилни и прилагодливи и прецизно да ги вклучуваат потребите на локалните партнери. Исто така, треба да се избегнува директно плаќање на практикантите или стажантите, бидејќи тоа создава зависност од донатори. Наместо тоа, потребно е да се убедат компаниите самите да инвестираат во своите идни вработени. Два проекти кои се во фаза на имплементација и тоа Зајакнување на вработувањето на младите (Enhancement of Youth Employment) во Косово и проектот Moja Buducnost (Моја Иднина) во Босна и Херцеговина бараат решенија за справување со предизвиците на невработеноста кај младите.
  4. Да се иницира промена на перцепцијата за стручното образование. Треба да се истакне и да се потенцира очигледното: во моментов, стручните занимања (особено занимањата поврзани со ИКТ) имаат голема побарувачка и добро се плаќаат. Ваквата состојба  веројатно ќе остане непроменета и во наредните 10-15 години. Ова е веќе направено во Албанија и тоа со медиумска интервенција преку проектот RISI Albania. Треба да поддржат иновативни и провокативни кампањи за промена на старите навики, конфликтите меѓу генерациите, како и оние меѓу родителите и децата и родовите стереотипи. Очигледно, ваквите кампањи треба да се имплементираат многу внимателно за да не испрати погрешна порака и да не се навреди одредена група.
  5. Да се оствари блиска соработка со економските сектори кои имаат потенцијал за голем раст и да им се помогне за да изнајдат индивидуални решенија во индустријата, во случај ако јавниот сектор не е подготвен или нема капацитет да дејствува. Секторот за неформално образование можеби има решенија за пополнување на јазот на вештини во моменти кога формалниот сектор нема решение за истите. Целиот сектор за стручно образование и обука има сериозна потреба од пазарна ориентација. Исто така, треба да се таргетираат и да се соработува со локални шампиони, средни стручни училишта и компании кои се подготвени да промовираат нови идеи и да превземаат ризици.
  6. Да се поддржат и да се мотивираат одговорните владини тела при имплементација на корисни и паметни под-законски акти со кои се дефинираат улогите и
    одговорностите во системот за стручно образование и обука. Треба да се избегнуваат преклопувања на улогите и одговорностите како и нови закони кои се противречни на други закони, бидејќи таквите состојби водат кон меѓусебни обвинувања. Треба да се избегнува создавање на зависност на процедурите и процесите од меѓународните донатори бидејќи ова создава меур кој ќе пукне веднаш штом ќе завршат проектите и ќе се потрошат средствата. За жал, ова се случува во многу земји од регионот и треба да се размислува за долгорочни решенија.
  7. Да се користат успешни модели на стручно образование и обука како на пример швајцарскиот и германскиот модел, како инспирација и можност за размена на знаење. Но, најважно е да се избегнува копирање на нивните елементи бидејќи нивните системски околности се многу поразлични од тие на Западен Балкан. Она што функционира во овие силни економии не мора да значи дека ќе функционира во некоја земја во развој. Треба да постои флексибилност и внимателно да се слушаат потребите на локалните партнери. Во моментов, неколку образовни модели се пилотираат во поголем број на земји во регионот, користејќи го швајцарскиот систем за дуално образование.
  8. Зајакнување на улогата на организациите кои посредуваат или застапуваат општи интереси како што се секторските здруженија, стопански комори и синдикати, секторски и регионални совети. Нивниот потенцијал не е целосно искористен и тие играат клучна улога во функционирањето и создавањето на пазарно–ориентирани образовни системи.
Scroll Up
Големина на фонт
Креирај контраст