Како можеме да ја искористиме моќта на заедниците од дијаспората за да им се помогне на лицата со попреченост?

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin

Како можеме да ја искористиме моќта на заедниците од дијаспората за да им се помогне на лицата со попреченост?

ОД: МИТКО ПИШТОЛОВ И НАДИРЕ СЕЛИМИ, 17 АВГУСТ, 2020 ГОДИНА

Организациите кои работат во името и за потребите на лицата со попреченост најчесто се осамени во своите напори за подобрување на условите за лицата со попреченост. Голем дел од нивните напори се насочени кон промовирање на основните права на лицата со попреченост. Како можат ваквите организации да играат поголема улога во развојот на стручните вештини и вработувањето? Дали е дијаспората одговор на ова прашање?

******

Чекор понапред од дознаките и повремените донации

Кога зборуваме за заедниците од дијаспората, мислиме на мигранти или потомци на мигранти, чиј идентитет и чувство на припадност е обликуван според нивното миграциско искуство и потекло. Постои интерес помеѓу заедниците од дијаспората да го поддржат развојот на нивната „земја на потекло“ во поголем степен отколку само да вршат трансфер на дознаки до нивните (пошироки) семејства. На глобално ниво, бројот на луѓе кои живеат надвор од нивната земја на потекло е скоро тројно зголемен во последните 45 години – од 76 милиони на 250 милиони.

Македонската дијаспора во Швајцарија и пошироко се покажува како дарежлив и значителен придонесувач за благосостојбата на народот во Република Северна Македонија. Обично, овој придонес е изразен во форма на дознаки кон своите семејства, а понекогаш и во форма на донации за поголеми добра, како што е помагање при изградба на куќа, поддршка на студенти или испраќање на различни материјали и добра за одредени институции.

Но, ваквите интервенции се повремени и имаат тенденција да ја задоволат непосредната потреба на некој и некого во конкретна смисла наместо на цела социјална група. Членовите на заедниците од дијаспората силно ги поддржуваат и одржуваат врските со матичната земја, но секогаш имајќи на ум конкретни лица или институции.  И самиот тој факт заслужува восхит.

Во оваа блог статија, се поставува прашањето: што ако на заедниците од дијаспората им се понуди нова цел и „ново лице“? Што ако на заедниците од дијаспората и се овозможи платформа преку која ќе можат да ја насочат својата поддршка кон лицата со попреченост и нивната потреба за стручни вештини и вработување?

Медијација и ангажирање на македонската дијаспора

Проектот Образование за вработување во Северна Македонија (E4E@mk) на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) ги поддржува лицата со попреченост да ги развијат своите стручни вештини и да се подготват за влез во пазарот на труд во Република Северна Македонија. Имплементиран од страна на Хелветас, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанската комора на Македонија, проектот се залага за инвестирање наместо еднократна поддршка на лицата со попреченост. Инвестирањето не се однесува само на „парични средства“, туку вклучува и подобрување на нивниот целосен живот – инвестирање во нивната независност, самодоверба и социјална благосостојба.

За оваа потреба, проектот го насочи своето внимание кон македонската дијаспора во Швајцарија, која е дел од швајцарскиот сектор за развој на стручни вештини и која може да понуди не само финансиски/материјален придонес, туку и трансфер на знаење. Проектот E4E@мк започна да бара партнери во Република Северна Македонија кои се специјализирани за поддршка на лица со попреченост. Откако се спроведе темелна процедура за проценка, како најсоодветни партнери беа избрани две организации – Хандимак од Тетово и Полиоплус од Скопје.

Проектот, како главен медијатор на оваа иницијатива, го ангажираше Рагми Јусуфи, филантроп и претставник од македонската дијаспора во Швајцарија, како лице за контакт со дијаспората, со поддршка од Министерството за надворешни работи, Амбасадата на Северна Македонија во Швајцарија и Швајцарската амбасада во Скопје. Првата средба се оддржа во главното седиштето на Хелветас во Цирих, на која беа присутни претставници од дијаспората и двете организации кои работат во име на лицата со попреченост.

Како што се очекуваше, членовите на македонската дијаспора ја докажаа својата подготвеност и посветеност да се вклучат во поддршка на лицата со попреченост во матичната земја. Членови на заедниците од дијаспората нагласија дека е потребен јасен предлог за нивно ангажирање, наместо учество во дизајнирањето на предлогот.

Со поддршка на E4E@мк, двете организации наскоро ќе добијат промотивни веб-страници и дигитален механизам за прибирање на средства од дијаспората и домашната публика. Организациите исто така истражуваат и идентификуваат организации т.е. провајдери на обуки за развој на стручни вештини за лицата со попреченост, како и компании кои би можеле да ги вработат лицата по завршување на обуките.

Промоцијата на концептот има за цел да овозможи поголемо и подобро претставување на двете организации во јавноста. Штом концептот ќе биде подготвен, се очекува дека поддршката која ќе се овозможи од страна на дијаспората и домашните поддржувачи  ќе резултира во обучени 270 лица со попреченост стекнувајќи основни/напредни стручни вештини, обучени 140 ментори во компании, 30 самовработувања и 40 вработувања со полно работно време во одредени компании. Крајната цел е да се воспостави одржлива соработка помеѓу дијаспората и двете организации како и да се охрабрат други организации кои го поддржуваат патот кон вработување на ранливите групи да изнаоѓаат и да користат алтернативни извори на ресурси, наместо да се бараат средства од влада, институции или слични извори.

Сепак, ништо не е лесно

Неизвесноста дека некој што е на стотици и стотици километри оддалеченост ќе поддржи цела социјална група без лично да ги познава луѓето е еден од првичните стравови на двете организации кои работат за лицата со попреченост.  Потоа, тука е и пандемијата „Ковид-19“, којашто ги наруши планирани текови од два аспекти. Прво, пандемијата ги зафати (како од здравствен, така и од економски аспект) земјите во Западна Европа како Швајцарија. Второ, пандемијата е исто така и тројна криза за лицата со попреченост.

„Сега повеќе од кога било, на лицата со попреченост им е потребна поголема поддршка бидејќи нивните стравови од КОВИД-19 и воопшто од општеството, се зголемија двојно повеќе. Можноста да стекнат со стручна вештина за да добијат пристојна работа навистина ќе им значи многу“, вели Софија Георгиевска, вонреден професор по психологија која исто така е дел од иницијатива за лицата со попреченост во рамките на проектот Е4Е@мк.

За идејата да стана функционална, прво и најважно е да се вклучи дијаспората во интервенции кои се усогласени со веќе постојните иницијативи или идеи. Во овој случај, не треба повторно „да го откриваме тркалото“, туку да учиме од добрите иницијативи и да ги подобриме постојните. Второ, потребно е да се изгради доверба – да се осигура дека со поддршката на заедниците од дијаспората ќе управуваат луѓе/организации од доверба и дека таквата поддршка ќе се користи само за целта за која е наменета. Трето, секоја иницијатива исто така треба да биде поддржана од систем кој може да препознае што може да функционира, а што не може функционира (на пр. соодветен и функционален систем за набљудување и мерење на резултатите). Заедниците од дијаспората – кога прибираат или донираат помалку или повеќе ресурси сакаат да се осигураат дека нивните инвестиции придонесуваат за одржливи и мерливи резултати.

„Нашата дијаспора ги поддржува ранливите групи во Северна Македонија долго време пред почетокот на оваа интервенција“,  рече Рагми Јусуфи за време на неговиот ТВ настап во кој ја презентираше оваа интервенција во Северна Македонија. „Имаме случаи во кои наши имами се навистина многу ангажирани во собирање на ресурси, но само за конкретни случаи или конкретни семејства. Разликата сега е во тоа што ние создаваме цел одржлив систем“.

E4E@мк создаде солидна основа за организациите што ги поддржуваат лицата со попреченост да продолжат да работат самостојно и независно. Оваа основа или поддршка за организациите вклучува контакти со заедниците од дијаспората, дигитални веб-платформи и механизми за мобилизација и прибирање на ресурси, како и подобрување на нивната видливост при претставување на нивните планови или активности.

Од тука до каде?

Оваа приказна е далеку од завршена и развојот и резултатите допрва треба да се случат. За да се промовира концептот, еден од авторите на статијава исконтактира член на македонската дијаспора во Швајцарија, и накратко разговараше за да го претстави концептот и да добие првични повратни информации. Јованка Стојковски, жител на Муралто-Локарно во кантонот Тичино, беше задоволна но и заинтригирана од идејата дека заедниците на дијаспората можат да прибира средства за лицата со попреченост и нивниот напредок во развојот на стручните вештини.

Сите претходни напори за донирање од страна на Јованка и нејзиното семејство биле насочени кон прибирање на ресурси или средства за институции во своите родни градови во Северна Македонија. Разговорот покажа дека кога на заедниците од дијаспората ќе им се даде соодветна платформа, може да се постигне многу повеќе, како во многу случаи претходно.

Организациите кои ги поддржуваат лицата со попреченост, исто така, ќе треба да го направат најважниот чекор нанапред: да излезат од зоната на удобност и да станат многу повеќе проактивни во презентирање на својот концепт пред дијаспората но и пред домашната публика, што е прилично поразличен пристап за разлика од нивното вообичаено дејствување.

Од друга страна, дијаспората, без никакви обврски, треба да се обиде да ја диверзифицира својата многу ценета поддршка за социјално-ранливата група, како што се лицата со попреченост. Членовите на дијаспората честопати ја посетуваат Република Северна Македонија. Можеби соработката со организациите кои ги поддржуваат лицата со попреченост може да се унапреди во форма на посета и подучување на стручни вештини, со оглед дека многу членови на дијаспората се стекнале со стручни вештини и можат да понудат трансфер на знаење кон лицата со попреченост. Многу членови на дијаспората се успешни претприемачи во секторите во кои доминираат стручните вештини и можеби токму тие ќе бидат најдобри во подучувањето во форма на ментори.

Проектот E4E@мк е медијатор кој ги поврзува двете страни. Дали оваа интервенција ќе ги надмине очекуваните резултати или не, тоа најмногу зависи од подготвеноста на двете страни и нивниот ангажман да ги подобрат условите и перспективите на една цела социјална група.

Scroll Up