Протокол за превентивни мерки при реализација на учење преку работа, феријална практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin

Протокол за превентивни мерки при реализација на учење преку работа, феријална практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач

Непобитен е фактот дека стручните вештини се совладуваат исклучиво преку мануелен процес, процес на вежби, односно работен процес во реална работна средина каде теоријата ја наоѓа својата применливост. Виртуелната настава, наметната поради состојбата со корона вирусот, може да даде резултати во теоретските знаења, но неизвесно е нејзиното влијание во стекнувањето на стручните вештини и професионални компетенции на учениците. Загрижена за непречено функционирање на практичната обука и феријалната практика на учениците во компаниите и непречена реализација во новонастанатите услови, Стопанската комора на Македонија, како бизнис асоцијација пристапи кон подготовка на Протоколи за заштита и безбедно одвивање на практичната обука во работната средина каде учениците истата ја реализираат.

Со поддршка на Проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“, а со директна вклученост на компаниите и соработка со Центарот за стручно образование и обука и Министерството за образование и наука, беа дефинирани мерки за заштита на здравјето и безбедноста на учениците кои ќе реализираат практичната обука и феријална практика во компаниите, а се однесуваат на безбедносно постапување и од страна на работодавачот и од страна на ученикот. Мерките беа преточени во општиот Протокол за превентивни мерки при реализација учење преку работа, феријална практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач и протоколите за неколку сектори, односно секторот машинство (машинската и автомобилската индустрија), секторот земјоделие и ветерина, секторот хемија и технологија (прехранбената индустрија) и во секторот лични услуги, во зависнот од спецификите на работењето во секторите.

Протоколите за превентивни мерки при реализација учење преку работа, феријална практика, практична обука и вежби на учениците кај работодавач се објавени во „Службен весник на РСМ“, број 215 на 4 септември 2020 година.

Останува да се почитуваат Протоколите и пропишаното да се спроведува во практика, а компаниите да ги отворат вратите за учениците и со целосна соработка со стручните училишта практичната обука да се одвива во реални услови.

Протоколите можат да се преземат на следниов линк:

http://www.mchamber.org.mk/Default.aspx?mId=28&id=863&lng=1

Scroll Up