Швајцарски систем на практиканство: минатото ги открива тајните на успехот

Share on facebook
Share on google
Share on twitter
Share on linkedin

Швајцарски систем на практиканство: минатото ги открива тајните на успехот

Системот за практиканство во Швајцарија е причината зошто постои мала невработеност кај младите. Со разгледување на архивата на една компанија може лесно да се воочи како се воспоставил модерниот швајцарски систем за стручна обука – и колку се сменил системот со текот на годините.

Строг временски распоред, силна работна етика и музички бенд во рамки на компанијата – вака отприлика изгледало практиканството во компанијата за електро-инженеринг Brown, Boveri & Cie (BBC), пионер на познатиот швајцарски систем за практиканство со дуален пристап.

„Тогаш немавме систем за регистрирање на работното време, туку фиксни работни смени“, се сеќава пензионерот Урс, поранешен практикант во BBC. „Секое утро поминувавме покрај вратарот, и ако пристигнете на време, тогаш сè беше во ред. Но, ако доцнете, вратарот веднаш забележуваше и телефонски го известуваше вашиот инструктор за обука. Ова беше прилично тешко бидејќи инструкторот беше мојот татко!“

Урс е само еден од гласовите што може да се слушнат на изложбата „Образование – скок во времето“, која се одржува во музејот на историја во Баден, северозападна Швајцарија. Изложбата ги опфаќа занимањата и образованието во последните 100 години, користејќи ја историјата на практиканство на компанијата BBC како почетна точка.

Компанијата со седиште во Баден, која подоцна се споила со други компании за да стане тоа што денеска е мултинационалниот концерн ABBE, прва започна со развојот на практиканството т.е. обуката во Швајцарија. „Тие беа првата компанија која ја интегрираше практичната обука и теоријата на едно место во компанијата“, изјави директорот на музејот Carol Nater Cartier за swissinfo.ch.

Компанијата BBC која е основана во 1891 година, растеше навистина брзо а со тоа и бројот на практиканти во компанијата. Во 1918 година, компанијата одлучи да основа свое училиште на самото место т.е. во рамки на фабриката, нудејќи теорија усогласена со практичните вештини кои беа потребни. Ова беше прв ваков пример, бидејќи претходно учениците посетуваа училишта кои нудеа општи програми за занаети, како што е општинското училиште за занаетчии во Баден.

Подоцна, во 1970-тите години, ABB основаше техничко училиште, прва институција за високо стручно образование од ваков вид во Швајцарија.

Дуален пристап

Овој дуален пристап – каде што се комбинира теоријата и праксата – всушност го создава ‘рбетот на денешниот концепт на практиканство во Швајцарија, кој пак е образованиот пат кој го избираат и го поминуваат две третини од учениците кои завршиле училиште.

Овој систем, кој патем се нарекува и се смета за „златен стандард“ во меѓународната стручна обука, е исто така причината зошто постои мала невработеност кај младите.

„Обуката во рамки на компанијата BBC беше многу популарна, и сите сакаа да се вклучат и да бидат дел од неа“, додаде Nater Cartier. „Но програмата исто така беше и инвестиција за фирмата, затоа што по завршувањето на програмата, практикантите остануваа да работат во компанијата цел живот“.

Животот за време на практиканството

Распоредот на практикантот беше прилично исполнет и однапред добро дефиниран. Денот започнува во точно 06:15 часот наутро – никако подоцна, како што слушнавме од изјавата на Урс – а завршува во 18:00 часот. Практикантите работеа и во сабота наутро. Временскиот распоред кој може да се види во галеријата со слики од историската архива на компанијата ABB прикажува спроведување на тест за прием во програмата за практиканство од 1948 година. Постапката започнува во 06:50 часот наутро со спортски активности во траење од 20 минути (вклучувањето на спортот беше уште еден пионерски чекор) и вклучуваше кратки практични вежби, како што се пополнување и користење на чекан.

„Практикантите мораа да бидат навистина прецизни, дисциплината беше многу важна и тие мораа да бидат многу вредни и да демонстрираат добро однесување“, објасни Nater Cartier. „Оваа програма не беше насочена само кон стекнување на потребните вештини за работа, туку и кон учење на сè што е поврзано со програмата, така што се стекнуваше добра работна и  животна етика“.

Но, се разбира, имаше време и за забава. Компанијата исто така нудеше и слободни активности, како дополнителни спортови и учење на други занаети или вештини. Музичкиот бенд на практикантите од компанијата BBC беше навистина популарен.

„BBC беше како едно големо семејство, што навистина допринесе да се зајакне врската на луѓето со компанијата“, рече Nater Cartier. Тука се формираа пријателства кои траеја доживотно а се склучуваа и бракови, бидејќи иако стануваше збор за компанија во која доминираа мажите, жените исто така учествуваа во програмата за практиканство за занимања како административни техничарки т.е. сектретарки и лабораториски техничарки.

А денес?

Изложбата, исто така, прави скок во времето и не носи во денешницата. Овој скок покажува дека иако многу работи се смениле, на пример, типовите на практиканство кои се создале заради дигитализацијата и техничкиот напредок (порано беа популарни програмите за практиканство за склопувачи на машини и технички планери, а сега се популарни програмите за поли-техничари и компјутерски техничари), сепак има одредени сличности.

Практикантите и денеска сè уште треба да ја следат пропишаната програма, да учат и стекнуваат меки вештини и како што покажува главната слика на нашата приказна, некои од дисциплините кои се изучувале порано и сега изгледаат дека се прилично слични.

Она што се смени со текот на времето е тоа што сега практикантите на ABB веќе не изучуваат сè на лице место. Повеќето современи швајцарски практиканства вклучуваат обука на работното место и теорија во стручно училиште. Но, во ABB, техничките практиканти одат во швајцарскиот индустриски центар за стручна обука во Баден (LIBS Industrielle Berufslehren Schweiz), кој нуди обука за машинската и електро-техничката индустрија, особено за делот од обуката која се однесува на стекнување на вештини и практична обука во работилница. Центарот за обука сè уште ги користи просториите на поранешното фабричко училиште на BBC.

И, се разбира, веќе го нема вратарот кој ги контролира практикантите – тие сега ги пополнуваат своите работни часови на компјутер.

Изложбата

Изложбата „Образование – скок во времето“ (Zeitsprung Bildung: BBC-Werkschule, Lehre Traumberuf), која се реализира на германски и на англиски јазик, се оддржува во музејот на историја во Баден до 31 јули 2021 година). Изложбата е дел од проект на кантонот Аргау на тема „индустрија – скок во времето“. Поради пандемијата КОВИД-19, музејот сепак останува затворен до 22 јануари 2021 година.

Првиот дел на изложбата го соочува посетителот со прашања поврзани со желбите и соништата за кариера со поглед кон изборот кој бил достапен. Исто така, изложбата покажува и каков бил животот како практикант во BBC, и тоа преку текст, слики, предмети, видео и аудио записи.

Исто така постои и паралелна изложба која се реализира во стручното училиште Баден – BBB.

Оваа содржина е објавена на 29 декември 2020 година. Ако сакате да иницирате разговор на тема која е дел во овој текст или сакате да пријавите фактички грешки, испратете е-пошта на english@swissinfo.ch.

Автори:

Isobel Leybold-Johnson
Област на експертиза: училишта, прктиканство, високо образование.
Ester Unterfinger
Област на експертиза: историја, секојдневие, портретна и новинарска фотографија.

Оригиналниот веб-извор на овој текст